Први количини од руската вакцина спремни за дистрибуција
Руското министерство за здравство соопшти дека првата количина на руската вакцина Спутник за ковид-19 е спремна за дистрибуција до граѓаните. Министерството денеска соопшти дека оваа прва количина на вакцината, која е развиена во московскиот национален истражувачки центар за епидемилогија и микробиологија, ги поминала сите тестови за квалитет и наскоро ќе биде испорачана во регионите низ Русија. Министерството исто така соопшти дека масовното вакцинирање против ковид-19 во земјата ќе почне идниот месец.
И покрај недостигот на објавени податоци Русија ја одобри вакцината за домашна употреба на 11 август. Претседателот Владимир Путин тогаш рече дека вакцината обезбедувала „одржлив имунитет“ и дека една од неговите ќерки ја примила.
Истражувачите помалку оптимисти за вакцината за ковид-19 од руските власти
Ова предизвика грижи меѓу научниците кои сметаат дека Русија брза со употреба на вакцината без да ги направи ригорозните научни тестови кои вообичаено се прават при испитувањето на вакцините. Фармацевтските компании побараа одложување на регистрација на новата вакцина додека не се помине третата фаза на клиничко тестирање. Во Русија се регистрирани повеќе од милион заболени од коронавирусот, а околу 18 000 починаа.