Патникот од Дубаи нема коронавирус, има грип
Патникот што допатувал од Дубаи и кој имаше симптоми слични на грип, а беше хоспитализиран на Инфективната клиника нема коронавирус. Тестирањето на пациентот покажало дека тој бил позитивен на Инфлуенца тип Б.
Тој допатувал пред неколку дена во земјава по шестдневен престој во Дубаи. Имал симптоми слични на грип. Направени биле тестовите и кон ова лице се постапувало со целото внимание како за сомнителен случај заболен од коронавирус, велат од Министерството за здравство.
Од таму апелираа сите кои доаѓаат од критичните региони да се придржуваат до препораките во упатството и доколку почувствуваат некои од симптомите да не се шетаат низ здравствените установи, туку да се јават на телефоните за Институтот за јавно здравје. Од Министерството потенцираа дека здравствениот систем е подготвен и оти располага со доволен број на кревети, маски, мантили и скафандери.
Филипче: луѓето со симптоми на коронавирус да се јават во Институт за јавно здравје
На Инфективна клиника синоќа беше хоспитализиран и патник кој вчера пристигнал од Милано во Скопје со попладневниот лет на „Визер“. Лицето е тестирано и нема коронавирус, потврдија од Министерството за здравство. Пациентот имал лесна клиничка слика, нема покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна.