Прага ја преименува улицата пред руската амбасада во Борис Немцов
Советот на град Прага го одобри преименувањето на плоштадот пред амбасадата на Русија во Чешка во Борис Немцов, познатиот руски опозициски политичар кој беше убиен пред пет години. Советот денеска изгласа плоштадот, кој досега се именуваше Под Каштани, да се вика плоштад Борис Немцов. Името официјално ќе биде сменето на 27 февруари, точно пет години од денот кога беше убиен Немцов.
"Со овој потег Прага се придружува на неколку други метрополи кои ја нагласуваат незгодната политичка ситуација денес во Русија“, се наведува во соопштението од Советот.
За преименувањето гласаа претставниците на сите поголеми партии. Во февруари 2018 година улицата пред руската амбасада во Вашингтон го доби името Немцов, а сличен потег направи и литванскиот главен град Вилнус. Немцов, кој беше силен критичар на рускиот претседател Владимир Путин и водеше опозициско движење, беше убиен на московски мост на 27 февруари 2015 година.
ОБСЕ бара од Русија нова истрага за убиството на Немцов
Во јуни 2017 година рускиот суд го осуди поранешниот чеченски војник Заур Дадајев на 20 години затвор поради убиството на опозиционерот. Четворица други Чеченци се прогласени за виновни поради вклученост во убиството на затвор од 11 до 19 години затвор. Критичарите, меѓу кои се и колегите и роднините на Немцов велат дека руските власти не успеале да откријат кој е нарачателот на убиството.