Гутереш: човековите права се под напад
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска рече дека владите треба да ги стават човековите права во центарот на своите приоритети ако сакаат да ја зачуваат стабилноста, растот и иднината на планетата Земја.
„Човековите права се под напад“, им рече Гутереш на министрите за надворешни работи денеска во Женева на промоцијата на глобалниот акциски план за човекови права. Зборувајќи на отворањето на Советот за човекови права на ОН тој ги наброја прекршувањата како воените злосторства, искористувањето на жените, прогонот на активистите и на малцинствата.
Тој рече дека светот исто така се соочува со нов предизвик за човековите права поврзано со климатските промени и новите технологии кои „често се користат за нарушување на правата и приватноста“.