Србија усвои меѓувладин договор со Северна Македонија
Српското собрание денеска го изгласа Договорот меѓу владите на Србија и Северна Македонија за взаемно признавање на квалификувани услуги од доверба, јави дописникот на МИА од Белград.
Министерот за финансии Синиша Мали во дебатата оцени дека одобрувањето на Договорот треба да има влијание врз економските субјекти на двете земји, кои во меѓусебната деловна соработка ќе се префрлат на електронска трговија, што е побрзо и поефикасно од класичното.
„Меѓусебното признавање исто така значи дека граѓаните и деловните субјекти од една земја ќе можат да користат онлајн услуги на друга земја, односно ќе можат да се идентификуваат преку своите електронски шеми за идентификација, кои се подеднакво прифатени и во двете држави“, изјави министерот Мали.
Тој посочи дека онлајн услугите на една земја ќе бидат достапни во другата земја, што позитивно ќе влијае на економскиот развој на двете држави. Мали договорот го оцени како продолжение на иницијативата „Мал Шенген“.
Инаку од минатата година Северна Македонија, Албанија и Србија почнаа иницијатива со која треба да се обезбеди спроведување на идејата за слободен проток на стоки и услуги, односно да се намалат трговските бариери меѓу земјите, да има слободен проток на луѓе и да се ослободат пречките за инвестиции. Кон таа иницијатива, наречена „Мал Шенген“ беа повикани да се придружат и другите земји од регионот.
„Мал Шенген” - мост кон иднината на Западен Балкан