Во Иран се пребројуваат гласачките ливчиња
Гласачките ливчиња се пребројуваат по вчерашните парламентарни избори во Иран на кои треба да победат конзервативни кандидати, откако претходно беа дисквалификувани илјадници реформисти или релативно умерени кандидати. Првичните резултати се очекуваат денеска, откако властите трипати го продолжија гласањето со вкупно пет часа за да им овозможат на повеќе лица да гласаат. Конечните резултати се очекуваат утре.
Сите што се кандидираа за изборите беа предложени од група тврдокорни исламски свештеници, кои дисквалификуваа околу 9000 потенцијални кандидати.. Официјалните бројки за излезноста не беа објавени веднаш, но новинската агенција Фарс соопшти дека излезноста е 40 проценти на национално ниво и 30 проценти во Техеран. Иранските власти предвидуваа излезност од околу 50 проценти, споредено со 62 проценти на гласањето во 2016 година.
Врховниот лидер, ајатолах Али Камнеи, гласаше во џамија во близина на неговата канцеларија во Техеран „Секој што се грижи за националните интереси на Иран, треба да учествува на изборите“, рече тој во изјава за медиумите..