Влада: Поништувањето на решенијата на Чулев е согласно законот
Владата денеска ја демантира изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека одлуката за поништување на решенијата и наредбите за распоредување на министерот се незаконски.
„Согласно Законот за Влада и согласно договорите од Пржино од 2016 година, техничкиот министер за внатрешни работи во мандатот на предната влада има право да изврши само 15 промени во раководните структури на МВР, и тоа само по хоризонтална линија. До моментот на одржувањето на 9-тата седница, техничкиот министер имаше направено промени на 14 раководни места по хоризонтална линија, и дури 131 распоредување по вертикална линија што е спротивно на Законот за влада и договорите од Пржино“, соопштуваат од Владата.
Од Владата посочуваат и дека на последната седница пред три дена е донесе одлука за поништување на решенијата, при што му биле објаснети на Чулев одредбите зошто не можел да ги издаде тие решенија и наредби и зошто Владата е овластена да ги поништи.
Чулев: незаконска е одлуката на владата за поништување на распоредувањата
Чулев реагираше дека одлуката на Владата со која се поништуваат конкретните решенија за распоредување на работниците во МВР е противзаконска и донесена во постапка која е спротивна на одредбите од прописите кои го регулираат работењето на Владата, а особено во спротивно со одредбите на Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за Влада.