ВМРО-ДПМНЕ анализира дали ќе достави нов предлог за министер за труд и социјална политика
ВМРО-ДПМНЕ се уште ја анализира ситуацијата за евентуално доставување на нов предлог за технички министер за труд и социјална политика, изјави денеска пратеничката од опозициската Благица Ласовска посочувајќи оти според Централниот и Извршниот комитет претседателот на партијата Христијан Мицкоски го има овластувањето за тоа одлучување.
Ласовска изјавата ја даде пред почетокот на собраниската седница на која треба да се гласаат законите за Јавното обвинителство и за измените на Законот за Советот на јавни обвинители. Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се надева дека Собранието денеска ќе се распупшти и дека ќе има избори на 12 април како што било договорено на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
„Ако политичарите од владејачкото мнизинство се сериозни, тогаш треба да останат на договорот и Собранието да биде распуштено“, изјави Ласовска.
Рашела Мизрахи којa на 3 јануари беше избрана како техничка министерка за труд и социјална политика по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, беше разрешена во саботата наутро на предлог на техничкиот премиер Оливер Спасовски, бидејќи Мизрахи неколку пати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името Република Македонија.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека причината за разрешувањето на Мизрахи не е таблата со името Република Македонија, туку тоа што таа открила незаконитости и злоупотреби што ги правела претходната министерка Мила Царовска.