Борисов ги нарече новинарите мисирки, реагираа Репортери без граници
Репортери без граници побара од бугарските власти да запрат со обидите за застрашување на новинарите, кои според организацијата, се мета на лични вербални навреди и напади од високи претставници на власта.
Во соопштението објавено вчера Паулин Адес- Мевел, раководител на одделот на Репортери без граници за ЕУ и Балканот, побара од претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли „јасно да ги осуди ваквите напади“ наведувајќи дека ЕУ не може да си дозволи во нејзина земја-членка да се случуваат закани врз новинари на таков институционален и системски начин.
На прес конференција што се одржа во Софија на четврти февруари бугарскиот премиер Бојко Борисов ги нарече новинарите мисирки и неколку секунди се обиде да го имитира звукот кој го прават мисирките.
Следниот ден во Брисел државниот обвинител на Бугарија Иван Гешев на главниот уредник на истражувачкиот сајт Бивол Атанас Чобанов, место да му одговори на прашањата му возврати со контрапрашања за неговиот приватен живот.