Собранието треба да ја продолжи седницата за законот за ЈО
Собраниската седница за законот за Јавно обвинителство (ЈО) треба да продолжи денеска во 11 часот. Седницата почна доцна синоќа, а претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина поради, како што рече, бројката од пријавени повеќе од 30 пратеници за дискусија и и поради жалбите од пратениците што ги примал во текот на целиот ден дека се изморени.
Во однос на пораките што некои од пратениците му ги праќале преку фејсбук, Џафери рече дека тој нема таков профил, и им порача дека ако преку такви пораки повикуваат дека имало можност да се создаде ново мнозинство, ги повика на лидерска средба.
Законот претходно помина во Комисијата за европски прашања и во матичната Законодавно-правна комисија.
Двотретинско мнозинство е неопходно за усвојување на законот за ЈО, кој не е официјален услов за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но сепак од високите европски претставници се споменува како позитивен сигнал кој би можел да го придвижи процесот.