Русија ги повика странските сили да се повлечат од Авганистан
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повика на целосно повлекување на меѓународните сили од Авганистан. Тој ги повика и сите засегнати страни во Авганистан да започнат што поскоро разговори. Според него, Русија е убедена дека нема воено решение за конфликтот во Авганистан. Лавров порача дека единствениот можен начин да се постигне мир е преку политички и дипломатски напори.
Тој говореше на церемонијата во Москва на одбележување на 100 годишнината од воспоставување на дипломатски односи меѓу Русија и Авганистан. Пред церемонијата имаше разговори меѓу талибанците и авганистанските политичари. Предводникот на делегацијата на талибанците, Мулах Барадар Ахунд изјави дека групата сака мир, но првиот чекор е да се отстранат пречките и да се стави крај на окупацијата на Авганистан.