Лекари и компании реагираат на изјавата на Трамп за инјектирање на средства за дезинфекција
Здравствените власти и разни компании ги предупредуваат луѓето да не вбризгуваат во своето тело или да пијат средства за дезинфекција откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека истражувачите ги разгледувале ефектите на средствата за дезинфекција врз коронавирусот и се прашувал како би реагирале ако се вбризгани во човеково тело.
Компанијата која го произведува средството за дезинфекција Лајсол за американскиот пазар, во денешното соопштение наведува дека тие имаат одговорност да помогнат во справување со „митовите поттикнати од актуелните шпекулации“ дека средствата за дезинфекција може да се користат како лек за вирусот. Истата компанија за британскиот пазар го произведува препаратот Детол.
Ова прашање се отвори денеска на редовниот брифинг во Белата куќа на кој официјалните претставници зборуваа за владините истражувања за коронавирусот наведувајќи дека белилото може да го убие вирусот во плунка или респираторна течност за неколку минути, а изопропил алкохол тоа го прави уште побрзо. Во презентацијата исто така се забележува дека вирусот слабее кога е изложен на сонце и топлина.
“Видов средства за дезинфекција кои го уништуваат вирусот за една минута. Една минута. А постои ли начин да направиме такво нешто, да го вбризгаме во телото или да го исчистиме?“ праша Трамп.
На ова реагираше и одделот за Итна медицина на Вашингтон, наведувајќи на социјалната мрежа Твитер препорака да не се јадат капсулите со гел за перење облека, а луѓето да не инјектираат средства за дезинфекција.
“Ако имате потреба од помош за прашањата за КОВИД 19 имаме многу ресурси за информации“, напишаа од одделот споделувајќи врска од интернет страница за коронавирусот.
Светот во трка по вакцина за ковид-19