Во Словенија отворена истрага за набавка на медицинска опрема
Националното биро за истраги на Словенија официјално отвори истрага по објавените снимени разговори и документи, со кои според дел од медиумите се фрла голем сомнеж за неправилности и при набавката за медицинска опрема за потребите на државата.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, полицијата интензивно работи на прибирање докази за скандалот, а во тоа соработува и со другите безбедносни служби, со цел да се расчистат сомнежите за можна злоупотреба при набавката на опрема.
Иван Геле, кој е вработен во Заводот за стоковни резерви и човекот кој прв јавно во медиумите проговори за случајот веќе доби и полициска заштита.
Словенечката државна телевизија објави, а другите медиуми пренесоа документи, преписки и снимени телефонски разговори во кои според медиумот, се слуша гласот на министерот за економија Здравко Почивалшек, како договара која фирма и како треба да го добие тендерот за набавка на заштитна и медицинска опрема, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Во објавата на Телевизија Словенија коа презентираше докази, се тврди набавката на опремата била без тендер, односно со непосредна спогодба, а се тврди и дека директно министерот и неговите најблиски соработниците бирале кој ќе го добие бизнисот. Медиумите во Словенија информираат дека во сопственичката структура на формата имало роднини на блиски соработници на Јанша.
Министерот Почивалшек по објавување на документите и разговорите изјави дека не се работело за притисок која компанија да ја добие зделката, туку тема на разговорите била да се забрза целата постапка.