Одобрено движење за лицата со попреченост за време на полицискиот час
Лицата со попреченост можат да бидат надвор во сабота и недела со придружба од 11 до 13 часот, а во работните денови од 19 до 20 часот, информираа заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ.
Тие наведоа дека Владата одговорила на барањата на лицата со попреченост, бидејќи за нив движењето е терапевтска активност и тие не треба да вадат дозвола за движење, туку со себе да имаат наод или решение кое ја докажува попреченоста, се вели во владиното соопштение.
Бајрактар и Шкријељ одговараа на низа други прашања, посочувајќи дека сите мерки кои ги имплементира Министерството за труд и социјална политика, во услови на состојбата со коронавирусот, се насочени кон ранливите групи.
Пикот на короната се чека со полициски час
По порастот на регистрирани заболени од Ковид – 19 во земјава, претседателот на државата Стево Пендаровски на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на цела држава во траење од 30 дена, а на 21 март воведен е и полициски час, почнувајќи од 21 часот до 6 часот наутро, мерки кои неколку пати беа променети и заострени, со што од минатата среда забраната важи секој ден во периодот од 16 до 5 часот, а викендов за прв пат беше воведена целозна забрана за движење на целата територија на Македонија.