Нови 53 заразени од Ковид 19 и пет смртни случаи во Македонија
Нови 53 случаи на потврдени пациенти заразени со короноавирусот евидентира министерството за здравство во изминативе 24 часа. Со последните евидентирани денеска бројката на позитивни на Ковид 19 изнесува 483 луѓе. Во изминатиов ден се евидентирани и 5 нови смртни случаи, со што бројот на починати од оваа болест изнесува 17. На клиниката за инфективни болести починале една жена од Лабуништа на возраст од 71 година и еден маж од Куманово на возраст од 77 години кои беа хоспитализирани во исклучително тешка состојба.
Институтот за јавно здравје информира за уште два смртни случаи, жител на Велес кој почина пред неколку дена, а неговиот позитивен резултат е докажан постмортем и странски државјанин кој живеел во Скопје 4 месеци.
Министерството потсетува и дека пациентот од Куманово кој почина на 2 април на Инфективната клиника, а чиј позитивен резултат на Ковид – 19 беше потврден вчера попладне, како случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде исто така евидентиран во денешниот извештај.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 61 пациент, од нив 11 се на механичка вентилација.
Од ново заболените најмногу доаѓаат од Струга - каде се евидентирани 14 заразени, потоа во Скопје 13 и во Куманово 8 новозаразени.
Министерството информира дека досега во земјава се направени вкупно 4.920 тестирања на Ковид-19.