Двајца турски војници загинале во Сирија, неколку часа пред прекинот на огнот
Двајца турски војници се убиени од силите на сирискиот претседател Башар Асад во северозападниот дел на Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана, само неколку часа пред прекинот на огнот, договорен вчера од Анкара и Москва. Во соопштението се наведува дека тројца други војници се повредени откако сириските владини сили отвориле оган во провинцијата Идлиб и се додава оти турската војска веднаш одговорила на нападот.
Инаку, Турција и Русија вчера соопштија дека се согласиле за прекин на огнот во северозападната сириска провинција Идлиб. Претседателите на двете земји, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин го објавија договорот по шестчасовен разговор во Москва.
Двајцата лидери се договориле на полноќ да прекине огнот на борбени линии. Договорено е и да се постави безбедносен коридор широк 12 километри долж автопатот во тој регион. На коридорот треба заеднички да патролираат руски и турски патроли почнувајќи од 15 март.