Болни од коронавирус и во институциите на ЕУ во Брисел
Прв случај на коронавирус е потврден во Советот на Европската унија, изјави денеска портпаролот на Советот. Тој рече дека заболениот најверојатно се заразил од коронавирусот во Белгија. Неколку часа подоцна агенцијата Франс Прес повикувајќи се на европски официјални лица, јави дека е регистриран и втор случај на коронавирус во институциите на ЕУ.
Според агенцијата, заболениот работел во обезбедувањето на Европскиот совет и се верува дека бил во контакт со претходно заболениот вработен во институцијата.
Во меѓувреме, состаноците не се откажуваат па според најавите, министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска ќе одржат вонреден состанок во зградата на Советот за мигрантската криза на границата на ЕУ со Турција.
Во петок, пак, министрите за здравство на земјите членки на унијата ќе одржат вонреден состанок за заеднички одговор на коронавирусот.