Харадинај денеска патува за Хаг
Косовскиот премиер во заминување Рамуш Харадинај потврди дека денеска ќе отпатува за Хаг, каде што е повикан на распит во својство на осомничен, пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина. Харадинај во синоќешното интервју за приштинската телевизија Т7 изјави дека од судот во Хаг е повикан на интервју, но дека против него се уште не е покренато обвинение. Тој додаде дека интервјуто пред судот е закажано за утре.
Харадинај повтори дека поднесол оставка од функцијата претседател на Владата, затоа што пред судот сака да се појави како граѓанин на Република Косово, а не како премиер.
Харадинај во интервјуто за Т7 потврди дека утре пред трибуналот во Хаг ќе се појави и првиот претседател на косовското Собрание по војната и портпарол на ОВК во 1998-99 година, Јакуп Красниќи, за кого се уште нема информација дали е повикан во својство на осомничен или како сведок.