Русија им го продолжи притворот на украинските морнари
Судот во Москва го продолжи за три месеци притворот на 24 украински морнари кои беа уапсени од руските сили во ноември заедно со нивните три бродови, во близина на теснецот Керч кој ги поврзува Црното и Азовското Море.
Окружниот суд Лефортово денеска пресуди дека 13 морнари мораат да останат во притвор до 24 октомври, додека останатите 11 ќе бидат задржани до 26 октомври.
Русија ги држи украинските морнари откако нивните сили ги запленија бродовите во близина на теснецот Керч на 25 ноември минатата година.
Москва тврди дека украинските бродови нелегално влегле во руските територијални води во близина на Крим, украинскиот полуостров кој Русија го анектираше во 2014 година.
Ако бидат осудени, морнарите ќе се соочат со казна затвор до шест години.