Филмот „Сестри“ ја доби специјалната награда на фестивалот во Карлови Вари
Филмот „Сестри” во режија на Дина Дума, а во продукција на Лист продукција, ја освои специјалната награда од жирито (East of the West Special Jury Prize) на 55-то издание на престижниот филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка.
Фестивалот се одржа од 20 до 28 август, а филмот беше дел од компетитивната официјална програма East of the West (Источно од Западот), селекција наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот Исток и Северна Африка.
„Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.
Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.
Филмскиот фестивал во Карлови Вари е најголемиот фестивал во Република Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Верлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.