Австриските конзервативци повторно го избраа Курц за свој претседател
Австрискиот канцелар Себастијан Курц е реизбран за претседател на Конзервативната народна партија на партиска конференција на која го повтори својот решителен став за имиграцијата.
Курц беше единствениот кандидат на партиската конвенција и доби 99,4 проценти од гласовите, што е повеќе отколку во 2017 година, кога доби 98,7 проценти.
Говорејќи на конференцијата, 35-годишниот австриски канцелар рече дека бил цел на политичката опозиција и се претстави себеси како противник на миграцијата и застапник на силна политика за интеграција.
Курц се осврна и на истрагата што се води против него поради наводно лажната изјава што ја дал во собраниската комисија во истрагата за корупција.
„Тие обвинувања се резултат на се поагресивната опозиција, но искуството всушност ме направи уште поотпорен“, пренесува АФП.
Курц – Австрија ќе ги заштити своите граници од мигрантите
Курц вети дека Австриската народна партија ќе продолжи да води политика за ограничување на миграцијата.
„За демократијата, клучно е кој живее овде и во што веруваат луѓето“, рече Курц.
Земјата не може да прими повеќе луѓе отколку што може да интегрира, додаде австрискиот канцелар, кој неодамна се изјасни против прифаќањето бегалци од Авганистан.