Парламентот на Литванија ќе расправа за рекордниот број мигранти на границата со Белорусија
Литванскиот парламент денеска во Вилнус ќе одржи вонредна седница за рекордниот број мигранти кои ја минуваат границата со Белорусија. Литванските власти го обвинуваат Минск дека користи илегални премини за да изврши притисок врз државите на Европската унија. Освен Литванија и Полска бележи пораст на илегалната миграција во последните неколку недели. Ситуацијата е сериозна, оценуваат двете земји кои веќе апелираа до ЕУ за помош.
Литванија ќе „употребува сила“ против илегалните мигранти
Властите во двете земји го обвинија претседателот Александар Лукашенко дека ги користел мигрантите за да изврши притисок врз ЕУ да ги повлече санкциите кон Белорусија, но и да ѝ возврати на Полска затоа што ѝ дала засолниште на Кристина Циманоскаја, белоруска атлетичарка, која одби да се врати дома од Олимписките игри во Токио. Полската гранична стража во соопштение во понеделникот соопшти дека од петокот уапсила 349 илегални мигранти што ја минувале границата со Белорусија. Се наведува дека мигрантите најверојатно се од Ирак и Авганистан.