Интерпелација на Спасовски без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти денешната седница за интереплација на министерот Оливер Спасовски и нема да присуствува на гласањето на интерпелацијата, а најави интерпелација за спикерот Талат Џафери. Причината за тој потег е тоа што списокот на говорници не им бил прифатен, бидејќи како што образложи спикерот Џафери листата на говорници не била поднесена навреме, односно 24 часа пред одржување на седницата.
„Денеска ќе ви дозволиме сами да си играте парламент. Продолжете да си глумите театар, но народот, јавноста ќе го осудат вашето однесување. Нема да ви биде ВМРО-ДПМНЕ, бидете спокоен министер Спасовски, ќе ве одбранат граѓаните, но немате можност да слушнете што мисли опозицијата затоа што ќе ја напуштиме седницата, и ќе поднесеме интерпелација за вас г-не Џафери. Ја замолчивте опозицијата, не дозволивте да разговараме за интерпелација на министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ. Затоа сега ќе ја напуштиме седницата“, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Интерпелација за Спасовски, за Маричиќ и Николовски Џафери ги одби
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во врска со интерпелацијата за неговата работа што беше поднесена во Собранието рече дека таа претставува реален приказ на изместениот систем на вредности на опозицијата
Спасовски, на почетокот на своето обраќање пред пратениците оцени дека интерпелацијата е чудна бидејќи се однесува на настаните поврзани со ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков кој е во затвор.
„Името на Мијалков се плашевте да му го спомнете со години наназад, а сега гледаме како се зголемува бројот на години што ќе треба да ги одлежи. Каква иронија – идолот и идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков е во затвор, а опозицијата поднесува интерпелација за министерот за внатрешни работи?! Оваа интерпелација, во суштина,претставува реален приказ на изместениот систем на вредности на опозицијата, и затоа е, во најмала рака, чудна“, рече Спасовски.
Интерпелацијата за работата на министерот Спасовски ја поднесе Алијанса за Албанците, а кон неа се приклучи и ВМРО-ДПМНЕ.