Рокот за аплицирање за ковид-помош за плати продолжен за 15 дена
Компаниите кои сакаат да ја искористат мерката за помош за исплата на плати за месеците февруари и март, мерка од петтиот пакет економска помош за справување со економските последици од ковид пандемијата, може да аплицираат до 30 април годинава. Комисијата за финансирање и буџет со амандман изврши уште една интервенција во рокот и го продолжи за уште петнаесет дена бидејќи законот до сега беше блокиран во собраниските процедури.
Поради доцнењето на усвојувањето на мерките, прифатен е едногласно амандманот на Законот за финансиска поддршка за самостојни вршители на дејност за месеците февруари и март, по скратена постапка, како и на законот за финансиска поддршка на работодавачите.
Амандманот на ВМРО – ДПМНЕ со кој се предвидуваше исплата на средствата за февруари, март, април и мај да бидат директно префрлени на сметките на работниците не е прифатен. Според заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски мерките од петтиот пакет мерки се влезени во Буџетот и не може да се продолжат за месеците април и мај и дека платата на работиците се исплаќа преку работодавачите.
Поднесени се 27 амандмани, од кои 17 се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и 10 од владејачкото мнозинство.