КСС на 15 април излегува на работнички протест
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) ги повика своите членови, сите синдикални организации, сите истомисленици и борци за социјална правда, како и сите загрозени работници кои во изминатиот период се соочуваат со прекршувања на нивните работнички права, да излезат на мирен протест кој започнува на 15 април, од 16 часот, во Скопје. Протестниот марш ќе се одржи со автомобили, заради запазување на ковид-протоколите, од булеварот Гоце Делчев спроти Македонската телевизија, до Собранието и ќе заврши пред зградата на Владата.
“Како наши легитимни синдикални барања кои ги поставивме се следните: Почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери.Сите овие барања и активности се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници во нашата држава”, соопшти КСС.
Од КСС додаваат дека со протестот сакаат да се чуе гласот на работниците и гласот на синдикатот и да се принудат надлежните претставници од Министерствата и другите државни институции да започнат социјален дијалог со КСС.