Нови 30 дена притвор за Орце Камчев
Скопскиот кривичен суд денеска соопшти дека е продолжен притворот на Орце Камчев, осомничен во случајот Плацеви на Водно, за уште 30 дена. Претходно неговиот адвокат објави дека поднеле барање службената белешка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), поради која е баран првичниот притвор, да се прогласи за незаконит доказ во постапката, а исто така веќе има поднесено барање притворот да му се замени со поблаги мерки на обезбедување на што судот досега не однел одлука.
„Заради интерес на медиумите кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за Ј.К., донесе решени со кое сеуште постојат околностите од член 165 ст.1 т.1 од ЗКП и го прифати предлогот на обвинителството со што ја породолжи мерката притвор за 30 дена“, соопшти Судот.
Во предметот „Плацеви на Водно“ Орце Камчев е еден од осомничените, додека првоосомничен е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој според наводите на Обвинителството, си купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, додека неговиот кум осомничениот Ристо Новачевски го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.
Камчев е еден од осомничените и во случајот „Империја“. Овој случај кој го отвори поранешното СЈО , станува збор за финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании, а се истражуваат неколку кривични дела, како злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. Покрај Камчев, во овој предмет осомничени сè уште 12 лица, меѓу кои и Сашо Мијалков, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.