Нови мерки - Подолг полициски час, затворање на ресторани, обложувалници, фитнес сали...
Од утре стапува на сила полициски час од 20 часот до 5 часот, кој ќе трае до 20 април, бидејќи ситуацијата со коронавирусот, особено со британскиот сој, се влошува, а треба и да ги одмориме здравствените работници, кои деноноќно се во битката за спасување на животите на пациентите, информираше денеска премиерот Зоран Заев, најавувајќи ги новите рестриктивни мерки за справување со пандемијата со ковид-19.
„Забрана за посетители гости во сите угостителски објекти, како и во угостителски објекти во хотели, мотели и на бензински станици. Оние кои вршат подготвка на храна, може да ја доставуваат преку онлајн или телефонски нарачки. Оваа забрана важи од 7 до 21 април. Од утре се затвораат сите фитнес сали и сали за вежбање и кладилници, и се забрануваат семинари, конференции. Најновите тенденции кои ни се презентираа од епидемиолозите се дека британскиот сој на ковид-19 го зема својот замав“, изјави премиерот Заев.
Актуелниот полициски час трае од 22 часот до 5 часот наутро. Во Ковид-центрите низ државата се лекуваат вкупно 1.720 пациенти, а од нив 699 се во Скопје, додека 1.021 во другите градови.