Најмалку14 загинати во земјотресот кој ги погоди Турција и Грција
Во силниот земјотрес кој денеска го погодин брегот на Турција на Егејското Море и грчкиот остров Самос, загинаа најмалку 14 луѓе и стотици се повредени поради урнати згради и поплави.
Турските власти соопштија дека 12 луѓе загинале и повеќе од 400 биле повредени во градот Измир, третиот најголем град во земјата со население од околу три милиони луѓе.
Двајца тинејџери загинале кога се урнал ѕид на Самос, според грчките власти. Други осум луѓе се примени во болница поради повреди.
Земјотресот предизвикал мало цунами кое поплавило област во Измир и пристаништето во Самос, каде беа оштетени голем број згради.
Гувернерот на Измир Јавуз Селим Косгер изјави дека зградите биле уништени и дека повеќе од 10 се урнале во градот, додека други претрпеле помала штета.
Американскиот геолошки институт (УСГС) соопшти дека земјотресот, кој се почувствувал и во Атина и Истанбул, бил со јачина од 7.0 степени.
Турција објави магнитуда од 6.6 и Грција 6.7 степени.
Во јануари повеќе од 30 лица загинаа и над 1.600 беа повредени кога земјотрес ја погоди источната турска провинција Елазиг.