Белорусија ги затвора копнените граници со ЕУ и Украина поради ковид-19
Белоруските власти објавија дека привремено ги затвораат своите копнени граници со Литванија, Летонија, Полска и Украина, како потег во борбата против ширењето на коронавирусот. „Поради епидемиолошката состојба во соседните земји, Белорусија привремено го ограничува влезот на нејзината територија преку копнените граници со Летонија, Литванија, Полска и Украина“, се вели во соопштението на Националниот пограничен комитет.
Големи влогови во Белорусија: Дали националниот штрајк ќе успее?
Аеродромот во Минск ќе продолжи да прима меѓународни летови без никакви ограничувања, се додава во соопштението. Полското Министерство за надворешни работи изјави за АФП дека овие ограничувања се однесуваат само на странски државјани, додека белоруските граѓани сè уште можат да влезат преку копнените граници. Белорусија е зафатена со големи протести од почетокот на август, поттикнати од контроверзниот реизбор на претседателот Александар Лукашенко, за кој опозицијата и Западот сметаат дека се бил наместен.