Пропадна обидот за прекин на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан
Смртоносните судири меѓу азербејџанските и ерменските сили се интензивираа во сепаратистичкиот регион Нагорно- Крабах, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за пропаѓањето на третиот обид за прекин на огнот. Двете страни пријавија цивилни жртви денеска, два дена откако прекинот на огнот, постигнат со помош на САД стапи во сила.
Азербејџанското министерство за одбрана соопшти дека се убиени 21 цивил, а седумдесет се повредени во ракетни напади во градот Барда, кој се наоѓа во централен Азербејџан, надвор од регионот Нагорно-Крабах. Четворица цивили загинале во друг напад претходниот ден. Официјален Ереван негира дека ги извршиле нападите нарекувајќи ги лажни наводи.
Ерменското министерство за правда ги обвини азербејџанските сили за напад врз области населени со цивили во Нагорно-Карабах, вклучително и бомбардирање на родилиште во главниот град на областа Степанакерт, што Азербејџан го нарече дезинформација. Борбите во тој регион се интензивираа месецов, а претставниците на меѓународната заедница прават обиди за намалување на тензиите.