СДСМ - Нема причина за одржување лидерска средба
Не гледаме потреба од лидерска средба, соопшти денеска владејачката партија СДСМ откако тоа вчера го побара лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска образложи дека ваквиот став е бидејќи „Мицкоски не е за договор на било која тема“ и дека „бара начин како да наштети на државата, особено на процесите кои не водат кон ЕУ.“
Таа исто така оцени дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ немал став за ниту едно национално или стратешко прашање.
„Македонскиот јазик, македоснкот идентитет и посебност се меѓународно потврдени и признаени од целиот свет. Со нашиот сосед Бугарија имаме Договор за соработка и добрососедство, кој патем е потшишан и на македоснки јазик. (...) За темите кои произлегуваат од Договорот изразуваме волја да ги решаваме преку работата на комисиите“, рече Кузеска.
Мицкоски бара лидерска средба за проблемот со Бугарија
Претходно денеска ВМРО-ДПМНЕ повторно повика најголемите партии во земјата да одржат лидерска средба.
ВМРО-ДПМНЕ денеска наведе дека одбивањето на барањето за лидерска средба е бидејќи „Зоран Заев е човек на кој не му се важни интересите на граѓаните и Македонија.“
Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција рече дека релевантните политички партии треба да разговараат за преговорите со Бугарија, за пописот, економијата и образованието.
Мицкоски ги даде коментарите откако деновиве македоснки и бугарски политичари даваат изјави за отоврените прашања меѓу Македонија и Бугарија и за тоа дали тие ќе бидат препрека за почнувањето на преговорите на земјава со ЕУ.