Висок преговарач на Авганистан во посета на Иран
Авганистански висок преговарач пристигна во Иран, бидејќи во тек се внатрешни авганистански мировни преговори во заливската држава Катар.
Преговорите меѓу Авганистанската влада и Талибанците беа запрени на 12 септември, а двете страни не беа во можност да договорат преговарачка рамка со цел ставање крај на 19-годишната војна во земјата.
Абдула Абдула, шефот на Високиот совет за национално помирување на Авганистан– тело кое ги набљудува мировните преговори со Талибанците, на 18 октомври пристигна во Техеран во тридневна посета.
Иран е клучен регионален фактор кој има влијание врз талибански и авганистански политички фракции.
Абдула на Твитер соопшти дека „ќе се сретне со иранското раководство“ и дека „ќе размени мислења за мирот во Авганистан и за сите други релевантни билатерални прашања, за да се промовира долгорочна соработка и пријателство.“
Неговата посета на Иран доаѓа по неодамнешната посета на Пакистан, кој исто така е регионална сила и главен спонзор на Талибанците.
Врските меѓу иранското шиитско мнозинство и Талибанците, кои се фундаменталистичка сунитска група, се сложени.
Иран официјално се спротивставува на Талибанците, но експерти велат дека тој им дава одредена воена подршка на главните Талибанци, па дури и на спротивставените одвоени фракции.
Посетата на Абдула доаѓа откако специјалниот претставник за помирувањето во Авганистан, Залмај Калилзад, минатата недела рече дека Иран „сака да ги задржи САД во непобедлива и скапа војна во Авганистан.“
Според договорот потпишан меѓу САД и Талибанците во февруари, странските сили треба да го напуштат Авганистан до мај 2021 година во замена за антитерористички гаранции од Талибанците, кои се согласија да преговараат за трајно примирје и формула за поделба на моќта со Авганистанската влада.