Српската Влада даде гаранции за одржување на кошаркарската Евролига во јули
По укинување на вонредната состојба, српската Влада денеска соопшти дека донела одлука дека сите граѓани и стопанственици се должни да се придржуваат кон заштитните мерки за спречување на КОВИД-19.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во владиното соопштение се наведува дека во сила се уште е суспендирањето на наставата во просториите на високообразовните институции, средните и основните училишта, како и запирањето на работата на тие институции се додека трае опасноста од ширење на Ковид-19.
За време на престој во парковите и јавните места наменети за рекреација, граѓаните се должни да одржуваат меѓусебно растојание од два метри.
Работодавците кои вршат дејност од областа на трговијата на мало, услуги од областа на угостителството, како и претприемачите во трговски центри, должни се да ги применат сите превентивни мерки – ограничен број на лица во ист простор, дезинфекција на објектите, употреба на заштитната опрема и средствата за дезинфекција.
Укината вонредната состојба во Србија
Во исто време, Владата на денешната седница се согласила да испрати писмо до кошаркарската Евролига со кое се гарантира влез во Србија на учесниците во финалето на сезоната 2019/2020. Градот Белград, официјално се кандидира за организација на финалето во Евролигата, што ќе се одржи од 4 до 26 јули годинава.