Кондарко: Почеток на сите рокови за изборите одново, не е став на ДИК
Почеток на сите рокови за изборите одново со нови 50-тина дена не е став на Државната изборна комисија, која е колективен орган и нема овластување да одлучува во име на други државни институции за распишување, одржување, одложување или евентуално почнување од почеток на изборните дејствија. Ова во изјава за МИА го посочува Борис Кондарко, член на ДИК.
„Во однос на конкретните наводи за почеток на сите рокови одново со нови 50-тина дена, без да полемизирам, би појаснил дека тоа не став на ДИК и лично не се согласувам од причини што, прво ДИК или кој било од нас не сме овластени да одлучуваме во име на други надлежни институции за распишување, одржување, одложување или евентуално повторување на изборите, како што се сугерира со евентуално почнување од почеток на сите дејствија“, вели Кондарко.
ДИК чека одлука дали ќе има избори или не
Како втора причина, Кондарко го наведува тоа што, ДИК мора да ги спроведува Изборниот законик и Уредбата со која го регулира прекинот на процесот, а според која моментално е предвидено дека сите дејствија на Комисијата до 21 март се во сила и важат, а дека процесот ќе продолжи со преостанатите 22 дена веднаш по завршувањето на вонредната состојба, без разлика кога тоа што се случи.
Кондарко смета дека единствено би било потребно понатаму да се предвиди ДИК да може да добие од МВР нова состојба на Избирачкиот список со пресек во моментот кога би продолжил изборниот процес по сила на постојната или на нова уредба со законска сила, бидејќи како што посочи, објективно состојбата на списокот по кој почнаа изборите е од 16 февруари, кога беа распишани, а во меѓувреме има тековни промени.