Словенија се враќа во нормала, отворени кафулиња, ресторани, фризерници
Во Словенија по речиси два месеци повторно беа отворени кафулињата и рестораните. Почитувајќи ги сите мерки на Националниот институт за јавно здравје, граѓаните повторно можеа надвор од своите домови да испијат кафе или да ручаат. Отворени се само надворешните делови, односно терасите од објектите, а на иста маса можат да седат само членови на исто семејство. Персоналот задолжително носи заштитни маски, а истото треба да го сторат и гостите кои сакаат да влезат во внатрешниот дел од угостителските објекти за да одат во тоалет.
Словенија постепено ќе отвора училишта
Најголеми редови имаше пред фризерските салони, оти за одење на фризер важат строги правила. За да се појде на фризер неопходно е претходно телефонски да се закаже термин, а во објектот не смее да се влезе доколку се уште некој има внатре. Фризерите задолжително мораат да носат визир, заштитна маска и ракавици. Од денеска се товорени и салоните за нега на домашните животни.
Во Словенија денеска, втор ден по ред, не се регистрирани нови случаи на новозаразени со коронавирусот. Според најавата на Владата, набрзо ќе биде активиран и јавниот превоз, но и таму ќе важат строги мерки со цел спречување на повторното ширење на вирусот.