Иранските власти соопштија дека уапсиле 27 припадници на „терористичка мрежа“, осомничени за планирање на напади за време на светиот месец Рамазан. Групата требало да изврши „терористички операции“ во Техеран и во други големи градови во земјата, информира Министерството за разузнавање. Во соопштението се наведува дека групата „објавувала фотографии во интернет просторот преку кои ѝ се заканувала на големата иранска нација со одмазда и убиство“. Се наведува дека нападите требало да се случат минатата недела. Министерството соопшти дека се откриени поголемо количество оружје и муниција.
Иранската Исламска револуционерна гарда вчера соопшти дека спречиле три обиди за уфрлање на „терористички групи“ од соседен Ирак во изминатите денови, при што биле убиени 13 напаѓачи.
Иран, кој е доминантно шиитска земја, често е мета на сунитските екстремисти.