Јаневска побара време за решавање на проблемот со ученикот и бојкотот на наставата
„Ве молам да дозволите неколку дена веќе работиме тимски. МОН, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади го решаваме проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки, посериозни активности и постапки коишто ќе бидат во корист на детето и решавањето на целиот случај“, изјави денеска (6 декември) министерката Јаневска.
И покрај инсистирањето на новинарите за детали во случајот, таа рече дека нема понатаму да дискутира за ученикот, барајќи време да се реши случајот.
„Не може цела македонска јавност да го сигматизира детето. Дајте ни време, дајте ни извесен период, време ќе го решиме случајот“, рече Јаневска.
Од Министерството за образование и наука информираа дека е формирана интердисциплинарна комисија која треба да го разгледа случајот и да донесе мерки коишто ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни.
Третоодделенецот од чие однесување се жалат родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар. Родителите на учениците од „11 Октомври“ ја бојкотираа наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во матичното училиште „Лазо Ангеловски“, на бојкот се одлучија и родителите на децата кои учат во тоа училиште.
Одговарајќи на прашање за заштита на наставниците од психички и физички напади, министерката за образование најави дека наскоро ќе се носи нов закон за наставници и оти ќе се носат нови правилници и упатства.