Воздушно-космичките сили на Русија годинава ќе добијат 16 нови авиони Су-34
Во 2017 година Воздушно-космичките сили на Русија ќе добијат 16 нови ловци-бомбардери Су-34. Вкупно се порачани 92 вакви летала, изјави заменик-министерот за одбрана на Русија Јуриј Борисов при неговата посета на Новосибирскиот авијациски завод „Чкалов“.
Су-34 во Сирија
„Новосибирскиот авијациски завод има долготраен договор со Министерството за одбрана за 92 авиони Су-34 и го исполнува практично една година пред рокот. Годинава очекуваме надвор од планот испорака на четири авиони, а вкупниот обем на нарачка за тековната година е 16 Су-34“, изјави заменик-министерот.
Според него, во финална фаза на производство се наоѓаат девет авиони.
Борисов исто така ги истакна и високите карактеристики на Су-34.
„Тој се препорача во најдобро светло во сирискиот конфликт, има огромен потенцијал за модернизација и претставува авион практично од новата генерација“, изјави тој, пренесува РИА „Новости“.
