Кремљ гледа совпаѓање на интересите на Москва и на Вашингтон
„Несомнено, има совпаѓање на интересите, има и такви... кои се разидуваат, каде нашите гледишта се разидуваат на дијаметрално спротивен начин. Тоа е совршено нормална пракса“, изјави Песков на прашањето дали Русија е подготвена „да стане пријател на САД“.
Тој исто така потсети дека „ние слушавме разни изјави од претседателот Трамп“. „Полни сме со трпение. Чекаме кога по изјавите ќе почнат да следат некакви дејствија кои, всушност, ќе ни дадат до знаење на што треба да обрнеме внимание и да можеме да се ориентираме на планот на перспективите на билатералните руско-американски односи“, објасни Песков, пренесува РИА „Новости“.
За што можат да разговараат Путин и Трамп?
Што се однесува до темите каде интересите на Русија и на САД се совпаѓаат, портпаролот на рускиот претседател објасни дека „тоа е одделна, доволно опширна тема за дискусија“.
„Но, барем она за што Путин и Трамп разговараа во последниот телефонски разговор, кога Путин му се јави на Трамп да му ја честита инаугурацијата – тоа е, пред сѐ, соработката во борбата против тероризмот“, изјави Песков. Според него, „тешко дека некој ќе оспорува, ќе се сомнева во тоа дека сите држави треба да соработуваат во интерес на зголемување на ефикасноста на борбата со тероризмот“.
„Во секој случај, без соработка на две големи земји како што се САД и Русија, тоа е воопшто невозможно, мислам на ефикасната борба со тероризмот“, убеден е Песков.