Демонстранти во Тирана фрлаа молотови коктели врз институции
Молотови коктели и огномет беа фрлени врз државните институции во Тирана, Албанија, за време на протестот на 22 март, организиран од опозициската Демократска партија. Албанската полиција употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите.
Опозициската партија на поранешниот премиер Сали Бериша бара смена на актуелниот премиер Еди Рама и создавање на привремена влада.
Политичките тензии во Албанија ескалираа откако во декември минатата година Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал (СПАК) поднесе обвинение против Белинда Балуку, која во тоа време беше министерка за инфраструктура и енергетика и вицепремиерка.
Демонстрантите во неделата фрлаа и молотови коктели врз седиштето на кабинетот на премиерот, Министерството за инфраструктура, Општина Тирана и седиштето на владејачката Социјалистичка партија. Солзавец беше испукан и во близина на италијанската амбасада.
По завршувањето на протестот, полицијата соопшти дека шест полицајци биле повредени за време на судирите со демонстрантите.
Албанската полиција соопшти дека тие се лекуваат во болница и дека нивната здравствена состојба „е стабилизирана и се надвор од животна опасност“.
Повод за протестот беше одлуката на пратениците кои на 12 март гласаа против барањето на СПАК за одземање на имунитетот на пратеничката од социјалистите Белинда Балуку, која е осомничена за корупција. СПАК го поднесе ова барање со цел апсење на Балуку.
Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, по таа седница, ги повика поддржувачите на протест на 22 март, нарекувајќи го голем ден за демократијата во Албанија, бидејќи пред 34 години на тој ден, Демократската партија ја презеде власта по соборувањето на комунистичката диктатура.
Од декември минатата година, ДП одржа неколку протести кои прераснаа во насилство меѓу демонстрантите и полицијата.
Инаку, СПАК ја обвинува Балуку за мешање во тендери поврзани со големи инфраструктурни проекти и фаворизирање на одредени компании. Балуку ги негира обвинувањата.
Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама, која го освои својот четврти последователен мандат минатата година, има мнозинство во Парламентот.
Рама се пожали на пречекорување на судските овластувања од страна на судството, особено во врска со притворањата пред судењата. Албанија има за цел да стане членка на Европската Унија до 2030 година, но блокот побара од Тирана да направи повеќе во борбата против криминалот и корупцијата.
