„Два града – иста болка“: Во Кочани пуштени 40 балони за почит кон жртвите од трагедијата во Кран-Монтана
„Два града – иста болка“ е пораката која со запалени свеќи в раце, денеска (10 јануари) ја испратија родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во знак на поддршка за семејствата на настраданите во клубот „Ла Констелејшн“ во Кран-Монтана, Швајцарија.
„Вечерва зборувам од местото каде што мајчиното срце се крши и продолжува да чука само затоа што мора. Зборувам со глас што не е само мој, глас научен во ноќта кога чекањето престана да има смисла, кога надежта застана пред вратата и никогаш не влезе“, порача мајката на едно од децата кои загинаа во трагедијата што се случи на 16 март минатата година.
Таа и останатите родители, без транспаренти и во тивка атмосфера пуштија 40 балони кон небото, колку што е и бројот на жртвите од пожарот кој избувна во швајцарската дискотека на новогодишната ноќ.
„Знам што значи да чекаш чекор што нема да се врати, да гледаш во вратата и да знаеш дека таа вечер времето се скрши и повеќе не продолжи исто. Знам како тишината тежи повеќе било кој крик. Како болката тивко те распарчува ден по ден“, додаде мајката која на денешниот собир во Кочани зборуваше од името на останатите родители кои ги загубија своите деца во пожарот во „Пулс“.
До родителите од Швајцарија, тие упатија порака дека ги споменуваат и нивните деца, „без глас, со пламен што одбива да згасне, со срца што се скршени, но сѐ уште умеат да сакаат“.
На денешниот собир кој се одржа во „Паркот на Револуцијата“, родителите рекоа дека Кочани е град што „своите соништа ги закопа со своите деца“, но оти сепак, тие испраќаат прегратка.
Семејствата на загинатите во овој град, секоја сабота организираат „Марш за ангелите“, но по трагедијата во швајцарскиот зимски центар одлучија да организираат собир во знак на почит кон жртвите од тамошната трагедија.
Меѓу идентификуваните 40 жртви, има 20 малолетници. Еден од нив, е и 16-годишниот Македонец, Стивен Ивановски кој на дочекот на Новата година, бил со својата сестра.
Семејството на младиот Стивен, вчера повика на донации за да ги покријат погребалните трошоци.
