Обилните дождови предизвикаа поплави, евакуација на граѓани и тешкотии во сообраќајот
Центарот за управување со кризи информира дека обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во текот на последните два дена предизвикаа поплави, излевање на реки и потешкотии во сообраќајот поради одрони и свлечишта на дел од патиштата.
Најголеми проблеми се регистрирани во Тетовско-Гостиварскиот, Охридско-Кичевскиот и Битолско-Преспанскиот регион, каде службите за итно дејствување веќе интервенираат.
Во Кичево, околу 100 лица се евакуирани поради поплави на улицата „Прилепска“, каде се поплавени повеќе станбени објекти, а евакуираните се сместени во спортската сала „Христо Узунов“ со обезбедена храна, вода и основни потреби.
Во оваа општина дополнително се регистрирани излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и на реката Треска, со поплави на земјоделско земјиште во околните села. На терен интервенирале екипи на Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалниот центар за управување со кризи, Територијалната противпожарна единица, ЈП Комуналец и Општина Кичево.
Во тетовскиот и гостиварскиот регион, локалниот пат меѓу селата Форино и Тумчевиште е тешко прооден, забележано е излевање на Лакавичка река во селото Мало Турчане и на Сушечка река во Горна Бањица. Надлежните институции и службите за итно дејствување ја следат состојбата на терен.
Во Охрид се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а реката Далјан е излеана од коритото, при што се поплавени голем број куќи. Локалната самоуправа и Кризниот штаб постапуваат по пријавите, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен.
Во Битолскиот и Преспанскиот регион, врнежите предизвикале зголемување на водостојот и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. За утврдување на приоритетите и координација на активностите, Кризниот штаб на Општина Битола закажал состанок во 9 часот.
Врнежите продолжуваат во дел од градовите во државата, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.
