Поплавени домови во Охридско и Кичевско, одрони и свлечишта по силниот дожд
По обилните дождови во делови од земјата се пријавени поплави и одрони на патиштата.
Поплави се пријавени во Кичево, каде се евакуираат жители од повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во Охрид, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Во тек е евакуација на жители, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби“, велат од ЦУК.
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои, како што велат, постапуваат по пристигнатите пријави.
Во Битола обилните врнежи од дожд кои предизвикаа поплавување на улици низ градот битолската „Нискоградба“ и другите јавни претпријатија започнаа акција за санирање на состојбата.
Дополнително пријавени се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања и на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда - Струшко.
„Се апелира до граѓаните да не патуваат по делницата Тетово- Бањиче додека не се стабилизира состојбата. Општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата“, наведуваат од ЦУК.
По пријави преку бројот за итни случаи 112, евидентирани се излевања на реката Вардар во с. Балин Дол, Лукавичка Река во с. Мало Турчане и Сушичка Река во с. Горно Бањице. Поплавено е земјоделско земјиште и дел од дворови.
Поради зголемен водостој од поројните дождови ХЕЦ Маврово презема мерки за намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње поради излевање на вода надвор од постоечки канали, поплавено е обработливо земјиште.
Покрај преспанското селото Сирхан, е саниран одрон, додека во с. Дрмени поплавени се два двора, известуваат од ЦУК.
Врнежите продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.
