Османи: Србија го одолговлекува процесот на дијалог
Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека косовските институции се подготвени за дијалог со Србија за нормализирање на односите меѓу двете држави, „секогаш кога ќе бидат повикани од Европската унија“, која посредува во преговорите.
„Косовските институции ја информираа ЕУ дека се подготвени да учествуваат во дијалогот, секогаш кога ќе бидат повикани од ЕУ. Никогаш откажувањето на дијалогот не било поради неприсуство на делегација од Косово. Јас можам да ја гарантирам волјата на Косово за ангажирање во меѓусебното признавање, но не можам да гарантирам како ќе се однесува Србија. Нивните однесувања покажуваат дека нивна цел е процесот на дијалог да се развлекува“, изјави Османи во нејзиното обраќање пред новинарите по повод првата годишнина од стапувањето на должност на чело на државата.
Според неа „доколку се слушаа заканите од Србија, Косово никогаш немаше да се прогласи за независна и суверена држава“.
Неуспешен обид за средба на главните преговарачи на Србија и Косово
Главните преговарачи на Србија и Косово не се сретнаа во февруари во Брисел и покрај напорите на европските претставници да организираат заедничка средба. Од оваа средба зависеше дали европските посредници ќе организираат состанок меѓу премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Лидерите се сретнаа само двапати минатата година.