Нуредини: Франција сака да ни биде стратешки партнер во заштитата на животната средина
Визијата на државата за заштита на животната средина во постигнувањето на зелената ЕУ агенда, напредокот во усогласувањето на националното законодавство во областа животна средина со европското право, подготвеноста на државата и динамиката за искористување на предпристапните ЕУ фондови во областа, како и предизвиците со кои се соочуваме во заштитата на животната средина, беа во фокусот на разговорите што министерот за животна средина и просторно планирање ги имаше со делегација од францускиот Сенат.
Средбата е организирана во рамки на посетата на француската делегација на групата за меѓупарламентарно пријателство Франција-Западен Балкан на Сенатот на Француската Република.
Сенаторката Марта Де Сидрак, претседателка на групата, ја истакна заложбата на француската влада за регионална соработка и поддршка во заложбите за заштита на животната средина во нашата земја. Министерот Насер Нуредини изрази задоволство од фактот што Франција е подготвена да биде наш стратешки партнер во заштитата на животната средина и климатските промени.
Целта на соработката е зајакнување на регионалната соработка, поддршка во евроинтегративниот процес и реформи за побрз одржлив економски и социјален развој, преку поддршка на еколошко одржливи проекти, компатибилни со Договорот од Париз.