„Во пресрет на референдумот ситуацијата во земјата е стабилна, институциите функционираат, иако постојат сили кои гледаат шанса, преку нарушување на безбедноста, да остварат некакви свои цели, да се спротивстават на нашето членство во НАТО и во Европската унија“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА. Притоа тој констатира дека, сепак, тоа се минорни сили кои не можат да придонесат за дестабилизација. Геостратешката положба на Македонија, посочува министерот, носи одредени ризици и предизвици, но тие се превенираат, меѓу другото, и со добро функционирање, размена на податоци и искуства со пријателските служби со кои соработува Република Македонија. За тврдењата дека странски служби се обидуваат да „роварат“ пред референдумот и за руско мешање во „македонските работи“, Спасовски вели дека Македонија има јасен став, национален, витален интерес да стане членка на НАТО и на ЕУ. „Не сакаме да се мешаме во работите на други држави, ниту од регионот, ниту пошироко, но нема да дозволиме некој да и наметнува свои интереси“, наведува министерот Спасовски.