Десетта руска журка во „Њу Ејџ“
Во средината на јуни годинава култното скопско кафуле „Њу Ејџ“ почна да организира руски забави секој четврток. На забавите се слуша современа поп и рок музика, се служат вистински руски коктели и, секако, се зборува на руски јазик.
Од менаџментот на кафулето велат дека овие забави се вистински предизвик за нив, зашто и тие самите откриваат нови нешта за Русија кои досега не ги знаеле. Исто така, тие потенцираат дека имаат намера да продолжат со организирањето на руските забави, но и да ги унапредат и да ги збогатат со дополнителни културни и забавни настани кои се поврзани за Русија и за руската култура.
АРХИВА: Доделени сертификати за руски јазик
„Интересно е што луѓето доаѓаат на овие забави спонтано, за да се дружат, при што се склопуваат нови пријателства, се шират познанства, но и за првпат се запознаваме со една друга страна на Русија, односно со современата руска музика, која кај нас воопшто не е присутна. Сега дознаваме дека во Русија има квалитетна поп и рок музика, дека Русија е нешто повеќе од она што го знаеме и што ни се презентира во јавноста“, вели Сања која е курсист по руски јазик.
За забавата слушаат и посетителите на македонската престолнина од Русија. Минатата недела на забавата гости беа голема група студенти од Самара, кои се дојдени во Македонија на студентска размена. Во разговорот со нив тие рекоа дека се изненадени од тоа што во Скопје се организира токму руска забава и дека се чувствуваат пријатно.
Генералниот менаџер на кафулето за „Руска реч на македонски“ вети дека со започнувањето на новата есенска сезона ќе започнат и нови активности кои се веќе во подготовка.