Собранието го избра Гоце Наумовски за нов уставен судија
Со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани, Собранието денеска го избра Гоце Наумовски за нов уставен судија. По гласањето, Наумовски даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно, почитувајќи ги Уставот и законите.
Изборот следува по оставката на професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември минатата година се повлече од функцијата поради здравствени и лични причини.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и, како што се вели во медиумските извештаи, е надворешен соработник на премиерот Христијан Мицкоски во областа на правото. Тој е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски.
Неговата кандидатура беше предложена од претседателот на собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој оцени дека Наумовски има импресивна биографија и кредибилитет да го штити Уставот и интересите на граѓаните.
Опозицискиот СДСМ тогаш реагираше дека станува збор за кадровско решение од кабинетот на премиерот и предупреди на обид за целосна контрола врз судството. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Наумовски не е партиски кадар, туку угледен професор, за разлика од претходните предлози на СДСМ, кои според нив биле партиски решенија.
