Демонстрантите во Израел го блокираа сообраќајот поради контроверзниот закон за судството
Демонстрантите блокираа неколку патишта во централниот дел на Израел, како и автопатот кон Ерусалим. Полицијата соопшти дека се уапсени 24 лица. Ројтерс објави дека полициските сили употребиле водени топови за да ги растераат демонстрантите, додека некои биле насилно влечени.
Снимките и фотографиите покажуваат демонстранти како веат знамиња, а некои од нив седат или лежат на патот. Некои учесници фрлаа факели.
По долга и жестока расправа во парламентот на 10 јули, пратениците со 64 гласа „за“ и 56 „против“ ја усвоија одредбата од спорниот закон.
Законот предвидува ограничување на моќта на Врховниот суд да ги поништува одлуките на владата и министрите. Владејачката десничарска коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху тврди дека планира да обезбеди подобра рамнотежа меѓу гранките на власта.
Противниците на реформата го гледаат новиот закон како закана за израелската демократија. Со гласањето заврши тримесечната пауза во која се водеа преговори со опозицијата.
Паузата започна по серијата масовни протести на противниците на реформите и предупредувањата од светските лидери и други официјални лица дека демократијата на Израел ќе биде загрозена со одземање на овластувањата и независноста на Врховниот суд.
Во последните недели Нетанјаху рече дека преговорите со опозицијата пропаднале и најави дека ќе се обиде да усвои малку изменета верзија на реформата.
