Сарацин- Ако летово нема уставни измени, следуваат потешкотии
Сарацин вели дека Берлин е свесен за чувствата и стравовите околу идентитетот, културата, јазикот, но истакнува дека Германија верува во македонската култура, во македонскиот јазик и Германија знае за македонскиот идентитет и сето ова го гледа како пат кон иднината во ЕУ.
„ Но, важно е да се каже дека немаме време за губење - мислам дека на оваа земја ѝ треба лето на примирје, поголема јаснотија за идниот пат на земјата – и за самата земја, но и за ЕУ… Ако ова лето уставните измени не се спроведат успешно, тогаш гледам многу тешкотии во наредниот период. Најмалку ќе има големо губење време, а тоа е доброто сценарио. Во лошото сценарио гледам многу нејаснотии за патот на Северна Македонија“, изјави Сарацин.
Тој во изминатите денови во Скопје се сретна со македонскиот претседател Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и со пратеници во Собранието. Како што вели на сите им ја пренел пораката за потребата од уставни измени како неопходен чекор за продолжување на пристапниот процес и отворање на преговарачките класатери.
„Се обидував да зборувам со сите и како пријател да го објаснам нашето размислување за иднината – не да бидам натрапник, туку да помогнам и да го покажам нашето размислување за иднината. Мислам дека на оваа земја ѝ треба лето на примирје, поголема јаснотија за идниот пат на земјата, и за самата земја, но и за ЕУ. Заради тоа сметам дека е важно да се продолжи со процедурата и да се дојде до точка на гласање на уставните амандмани во пристоен временски период. Се обидов тоа да го објаснам“, изјави Сарацин.
Сарацин вели дека неуспех на овој процес би пратил порака до ЕУ и земјите членки дека Северна Македонија има дилеми за својата иднина во Унијата.
Без уставните измени со кои Бугарите ќе се внесат во Преамбулата, земјата нема да може да премине од скрининг процесот во следната фаза – отворање на кластерите и поглавјата за преговори со ЕУ. За тоа да се случи потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, односно поддршка од дел од пратениците на опозицијата која засега јавно тврди дека нема да гласа „за“.
Со скринингот кој што е во тек во Брисел се прави детална анализа на земјата преговарач и за деталите како понатаму ќе се одвиваат преговорите. Скрининг процесот формално започна во јули минатата година откако во Собрание беше усвоен таканаречениот „француски предлог“ со кој се отклони бугарското вето.
